MKinformer

your daily dose of news

Психолог: Сиромаштијата создава трајни стравови

21/07/2026 9:04

Животот во сиромаштија остава трауми: Стравот од недостиг ги следи луѓето со години

Сиромаштијата не остава последици само врз животниот стандард, туку и врз психичкото здравје на луѓето. Стручните лица предупредуваат дека децата кои растат во финансиска несигурност честопати ја носат таа траума и во зрелата возраст, каде што се соочуваат со анксиозност, страв од иднината и постојана потреба да создаваат финансиска сигурност.

Во Македонија, секое трето дете живее во сиромаштија, а токму ваквите услови, според психолозите, можат да остават длабоки и долготрајни последици.

Психолог: Стравот останува и кога сиромаштијата ќе исчезне

Психологот Иле Махлијанов вели дека луѓето кои растеле во финансиска несигурност развиваат начин на размислување што продолжува да влијае врз нивното однесување и кога ќе ја подобрат материјалната состојба.

„Кога човек растел во финансиска несигурност, долгови, кога му кажувале „немам, внимавај“, неговиот нервен систем го памети стравот од сиромаштија. Тие луѓе не штедат затоа што се рационални, туку затоа што се плашат од сиромаштија. Работат прекумерно, не само од амбиција, туку од страв дека нема да имаат доволно. Тешко бараат помош, затоа што научиле дека никој нема да ги спаси уште во детството“, вели Махлијанов.

Тој објаснува дека во психологијата оваа состојба е позната како „оскуден менталитет“, односно чувство на постојан недостиг кое останува присутно и кога реалните финансиски проблеми веќе не постојат.

„Тоа е начин на размислување во кој чувството на недостиг постои, дури и кога реалниот недостиг повеќе не постои. Човекот почнува да ја мери сопствената вредност преку сигурноста која може да ја купи, а парите се гаранција дека нема повторно да ја почувствува болката од минатото. Живот воден од страв не создава чувство на изобилиство“, истакнува психологот.

Според него, кај овие лица често постои интересен парадокс.

„За разлика од другите трауми, кај овие луѓе самодовербата е на многу високо ниво, ама во однос на родителскиот и партнерскиот живот тие се на ниско ниво и тука се губат. Најголемата сигурност не е во банкарската сметка, туку во довербата дека ако повторно изгуби нешто, нема да се изгуби себеси. Овие луѓе страдаат од анксиозност и социјална анксиозност, дури и по мал неуспех“, додава Махлијанов.

Граѓаните: Без финансиска сигурност нема спокоен живот

Граѓаните со кои разговаравме велат дека сиромаштијата остава трајни последици врз здравјето, образованието и квалитетот на животот.

„Луѓето се разболуваат, немаат пари за да се лекуваат. Не мора луѓето да се богати, но да имаат доволно за живот. Живеат под стрес затоа што не можат да си го дозволат тоа што го сакаат и живеат во страв за тоа што може утре да се случи“, вели Трајка Лазаревска.

Според граѓаните, финансиските проблеми често ги лишуваат луѓето и од можноста за одмор, што дополнително ја зголемува фрустрацијата.

„Нормално дека сиромаштијата остава траги кај луѓето. Важно е луѓето да имаат приходи за нормален живот“, смета Гордана Богдановска.

Дел од анкетираните предупредуваат дека големите социјални разлики дополнително ја влошуваат состојбата.

„Ние живееме во време кога сите бевме скромни, имавме редовни примања, а сега има богати и сиромашни. Луѓето кои се сиромашни немаат самодоверба, но кога состојбата ќе им се подобри, можеби и ќе се сменат“, вели една постара соговорничка.

На сличен став е и Соња Стојковиќ.

„Денес ако немаш пари, не можеш ништо да направиш“, вели таа.

Секој петти граѓанин живее под прагот на сиромаштија

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, 21,9 проценти од граѓаните во Македонија живеат под прагот на сиромаштија.

Најтешко погодени се самохраните родители и многудетните семејства. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката на сиромаштија достигнува 54,8%, што значи дека повеќе од секое второ вакво семејство се соочува со сериозни егзистенцијални проблеми.

Кај самохраните родители, речиси 45,8% живеат во сиромаштија, што укажува на сериозни предизвици со финансиската сигурност на оваа ранлива категорија граѓани.

Експертите предупредуваат дека сиромаштијата не е само економско прашање, туку и проблем што остава длабоки психолошки последици. Затоа, покрај финансиската поддршка, неопходни се и политики што ќе овозможат подобар квалитет на живот и навремена психолошка помош за најранливите категории.

error: Содржината е заштитена од копирање !!