Кој е Али Ларијани – Овој човек привремено ќе раководи со Иран по смртта на Хамнеи
01/03/2026 11:25
Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопштил дека ќе биде воспоставено привремено раководство по воздушниот напад во кој, според извештаите, бил убиен врховниот лидер Али Хамнеи, пренесе Ројтерс.
Ларијани изминатата година повторно се позиционираше како една од највлијателните фигури во безбедносната структура на Иран, со значајна улога во клучни државни прашања.
Клучна фигура во безбедносниот систем
Тој раководел со широк спектар теми – од нуклеарните преговори и регионалната дипломатија, до одговорот на властите на внатрешните немири. Во август беше именуван за секретар на Врховниот совет за национална безбедност, функција што ја извршувал и претходно.
Како близок соработник на Хамнеи, Ларијани учествувал во подготовките за индиректни нуклеарни разговори со САД во Оман, а во последните месеци повеќепати патувал и во Москва на средби со руското раководство.
Во однос на нуклеарното прашање, тој зазема прагматичен тон, наведувајќи дека загриженоста на САД може да се адресира, но истовремено потенцирајќи дека иранската нуклеарна технологија „не може да се уништи“.
Санкции и обвинувања
САД во јануари му воведоа санкции, обвинувајќи го дека имал водечка улога во задушувањето на антивладините протести. Американското Министерство за финансии соопшти дека Ларијани повикал на насилен одговор против демонстрантите, додека организации за човекови права наведуваат дека во пресметките биле убиени илјадници лица.
Ларијани беше претседател на иранскиот парламент од 2008 до 2020 година и важи за влијателна фигура која одржува односи со различни политички фракции во системот. Роден е во 1958 година во Наџаф, во угледно клерикално семејство, а докторирал филозофија во Иран.





