MKinformer

your daily dose of news

МК ИНФОРМЕР ПРАШУВА: Ќе има ли вистинска превенција наместо само констатација?

03/03/2026 20:04

 

На денешната прес-конференција во Министерство за внатрешни работи, МК Информер постави три директни прашања во врска со трагичниот случај со мајка и дете, отворајќи ја дилемата, дали институциите ќе преминат од констатирање кон вистинска превенција на семејното насилство.

Од МВР најавија системски промени, формирање на посебна национална единица и поактивно постапување по службена должност.

Во продолжение, интегрален транскрипт од прашањата и одговорите:

МК Информер:
Дали ќе се преземе нешто во измена на законите и правилниците, за да престане полицијата само да констатира дали има или нема насилство, туку да може да делува превентивно? Бидејќи доколку имаше вистинска превенција, немаше да се случи ова што се случи. А сега, дури и сторителот да биде осуден на 100 години затвор, тоа нема да ја врати жената и детето.

Тошковски:
Да, можеме и мораме да се подобриме, особено во овој сегмент. Во рамки на новата систематизација ќе се формира посебно, независно одделение на национално ниво кое ќе се занимава исклучиво со овој вид криминал. Досега немавме таква единица. Не бегаме од одговорност. Ќе бидат имплементирани механизми што ќе овозможат поефикасно постапување и превенција.
Со законските измени ќе се овозможи постапување по службена должност во вакви случаи, што значи дека институциите нема да зависат исклучиво од пријавата на жртвата.

МК Информер:
Кога полициски службеник ќе дојде на лице место, велите дека констатира телесни повреди и тогаш може да делува. Но како ќе ги констатира? Дали жртвата треба да има повреди само на глава? Зарем не треба да биде однесена на лекар? Што ако повредите се на телото?

Тошковски:
Доколку се утврдат телесни повреди, полицискиот службеник составува службена белешка врз основа на фактичката состојба. Во иднина, со измените, ќе можеме да постапуваме по службена должност, што ќе овозможи поактивен пристап и поведување постапки дури и кога жртвата не инсистира.

МК Информер:
Дали полицијата досега имала можност да провери дали исказот на жртвата која се откажала од прогон е даден под присила, под уцена, на било кој начин?

Тошковски:
Полицијата треба тоа да го проверува во секој поединечен случај. За конкретниот предмет не можам да коментирам во овој момент, но принципот е дека секогаш мора да се утврди дали изјавата е дадена доброволно или под притисок.

Од МВР најавија и дека во наредниот период ќе бидат испратени конкретни упатства до сите полициски станици за поактивно постапување, како и дека ќе се зголеми бројот на информативни разговори со потенцијални сторители на семејно насилство.

Останува прашањето – дали најавените мерки ќе донесат вистинска превенција или ќе останат само реакција по трагедија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!