МВР уапси 11 лица за „Пулс“ за поткуп, злоупотреби и оддавање тајни
20/11/2025 12:42
Истрагата за кочанската дискотека „Пулс“, каде во катастрофалниот пожар загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени, продолжува да се продлабочува. Уште 11 лица – службеници и раководни лица од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) – се опфатени со најновата акција на МВР поврзана со незаконското работење на објектот.
Дел од осомничените се веќе уапсени, а обвинителството покрена кривични пријави за низа тешки дела, меѓу кои злоупотреба на службена положба, примање и давање поткуп, оддавање службена тајна и фалсификување исправи. Според информациите до кои дојде порталот, лицата се сомничат за следните кривични дела:
-
Д.П. (УЈП Штип) – примање поткуп и оддавање службена тајна; лишен од слобода, ќе се бара притвор.
-
Д.Д. (УЈП Штип) – примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание; лишен од слобода, ќе се бара притвор.
-
М.Ј. – давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание; поврзан со дискотеката „Пулс“ Кочани.
-
Д.Ч. (УЈП Струмица) – злоупотреба на службена положба и фалсификување службена исправа; живее во Гевгелија.
-
А.Ч. (УЈП Струмица) – злоупотреба на службена положба и фалсификување службена исправа; лишен од слобода.
-
А.К. (УЈП Струмица) – истите кривични дела; лишен од слобода.
-
А.Ч. (УЈП Струмица) – злоупотреба на службена положба и фалсификување службена исправа; живее во Валандово.
-
Н.Т. (УЈП Штип) – злоупотреба на службена положба; лишена од слобода.
-
А.К. (УЈП Штип) – истото кривично дело; лишен од слобода.
-
В.К. (ДПИ) – оддавање службена тајна; живее во Кочани.
-
Д.Ј. – фалсификување исправа; поврзан со работењето на „Пулс“.
МВР и обвинителството најавуваат дека истрагата нема да застане овде и дека ќе бидат опфатени сите лица кои, со делување или пропуст, придонеле за незаконското функционирање на дискотеката и прекршувањето на безбедносните процедури што довеле до најтешката трагедија во поновата историја на државата.






