Тошковски: Сомнежи за организиран шверц со марихуана – под истрага повеќе компании
03/03/2026 17:04
Министерството за внатрешни работи има основани сомненија дека и претходно нелегално била изнесувана марихуана од државата и дека покрај скопската компанија „Алфа фарм“ и други фирми се поврзани со шверцот, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На денешната прес-конференција, Тошковски посочи дека станува збор за еден од најголемите кривично-правни предмети во последните години и побара разбирање од јавноста за комплексноста на процесот.
Сомнежи за организирана криминална група
Според министерот, постојат индиции дека станува збор за организирана криминална група, чии припадници се и од земјава и од странство.
– Ќе мораме како јавност да имаме разбирање дека можеби е еден од најголемите кривично-правни процеси коишто ќе треба да бидат сработени од страна на Министерството за внатрешни работи, во соработка со Финансова полиција, Управа за финансиско разузнавање, Царина и Јавното обвинителство, изјави Тошковски.
„Нема да одговараат само транспортерите“
Министерот нагласи дека државата ќе навлезе во суштината на предметот и дека нема да се санкционираат само таканаречените „мули“, односно транспортерите на нелегалната стока, туку и организаторите кои стојат зад целокупната шема.
– Ќе покажеме како држава дека во ваков огромен предмет, од финансиски и кривично-правен аспект, ќе навлеземе во суштината. Ќе одговараат и оние кои стојат позади организираната криминална банда, порача Тошковски.
Од МВР најавуваат дека за целосно расчистување на случајот ќе биде потребно време, со оглед на обемот и сериозноста на истрагата.






