(Видео)Мицкоски и Тошковски извршија увид во запленетата марихуана: Конфискувани 40 тони, нема компромис со криминалот
10/02/2026 17:44
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска извршија увид на локацијата каде што се чува запленетата марихуана, одземена во рамки на тековна истрага.
Министерот Тошковски информираше дека станува збор за 40 тони марихуана, одземени уште во првичната фаза од истрагата, при што надлежната комисија на Министерство за здравство утврдила дека дрогата била произведена, чувана и складирана надвор од пропишаните протоколи.
„Имаме прилика да ги видиме овие конфискувани, првично одземени 40 тони марихуана, кои беа одземени во првата фаза од истрагата. Станува збор за марихуана произведена и складирана надвор од утврдените правила“, изјави Тошковски.
Запленетата марихуана во моментов е привремено складирана во простории на Министерство за внатрешни работи, со цел да се користи во доказната постапка, а истрагата, како што најави министерот, продолжува и понатаму.
„За жал, последиците од негрижата и погрешните политики од минатото денеска предизвикуваат огромни последици“, додаде Тошковски.
Премиерот Мицкоски истакна дека оваа заплена е симбол на еден период на погрешни одлуки, кои, како што рече, нема да се повторат. Тој најави дека на денешната владина седница ќе биде донесена одлука за формирање посебен тим, кој детално ќе го испита работењето на правните субјекти поврзани со случајот.
„Очекувам да се утврди кои правни субјекти работеле легално, а кои не. Нема компромис со неправдата и безаконието. Никој не е над законот и МВР со целиот свој капацитет ќе се справи со секој предизвик“, порача Мицкоски.
Премиерот упати и јасна порака до сите кои сметаат дека криминалот е исплатлива дејност, потенцирајќи дека криминалот не се исплаќа, дека сторителите ќе бидат пронајдени и дека ќе следуваат жестоки казни согласно законот.






