ИРГК: Иран ќе го одреди крајот на војната
10/03/2026 16:56
Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГК) соопшти дека Иран ќе го одреди исходот и крајот на војната, отфрлајќи ги изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека конфликтот наскоро би можел да заврши.
Во соопштението, пренесено од иранската агенција Тасним, ИРГК истакнува дека „условите на бојното поле и крајот на војната се во рацете на Исламската Република“.
Оваа реакција следува откако Трамп во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес њуз изјави дека смета оти војната со Иран е речиси завршена.
„Тие немаат морнарица, немаат комуникации, немаат воздухопловни сили. Тие само имаат неколку ракети. Нивните беспилотни летала се уриваат насекаде. Ако погледнете, не им останува ништо во воена смисла“, изјави Трамп.
Американскиот претседател додаде дека САД се „многу далеку“ пред првично проценетиот временски период од четири до пет недели за завршување на воената кампања.
Израелските и американските сили започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, таргетирајќи го политичкото и военото раководство, како и клучни воени капацитети, вклучително и воздушната одбрана, морнарицата и воздухопловните сили.
Во меѓувреме, кризата на Блискиот Исток сериозно го наруши поморскиот сообраќај во Ормутскиот теснец – еден од најважните светски енергетски коридори, низ кој поминува околу една петтина од глобалната трговија со нафта и течен природен гас.
Иранската револуционерна гарда исто така соопшти дека секоја арапска или европска земја што ќе ги протера амбасадорите на Израел и САД ќе има слободен и безбеден премин низ Ормутскиот теснец.
Во меѓувреме, стотици трговски бродови остануваат закотвени од двете страни на стратешкиот воден пат, додека енергетските пазари внимателно ја следат ситуацијата и можните сигнали за нормализирање на пловидбата.






