MKinformer

your daily dose of news

САД извршија нови воздушни напади врз ирански воени цели по инцидентот во Ормуската Теснина

28/06/2026 8:41

САД извршија нови воздушни напади врз ирански воени цели, меѓу кои складишта за ракети и беспилотни летала, како и радарски станици долж брегот на Иран.

Според Вашингтон, нападите биле изведени како одговор на уште едно кршење на договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран. Американската страна тврди дека претходно танкер за нафта бил погоден во Ормуската Теснина.

Нападнати складишта, радари и воена инфраструктура

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа „Трут Соушл“ објави дека американски авиони нападнале ирански складишта за ракети и беспилотни летала, како и крајбрежна радарска станица.

„Американските авиони ги нападнаа иранските складишта за ракети и беспилотни летала, како и крајбрежна радарска станица, поради уште едно кршење на договорот за прекин на огнот“, напиша Трамп.

Тој додаде дека, според него, „многу е веројатно дека никој не научил лекција“. И се закани дека ако Иран не се вразуми, повеже нема да постои.

CENTCOM: Нападот е одговор на агресија врз трговски бродски превоз

Централната команда на вооружените сили на САД, CENTCOM, соопшти дека американската армија почнала нова операција против цели во Иран.

Според соопштението, нападите следувале откако танкер што пловел под панамско знаме бил нападнат од ирански дрон.

„На Иран му беше дадена шанса да го почитува договорот за прекин на огнот, но тој одлучи да не го стори тоа“, се наведува во соопштението на CENTCOM.

Од американската команда наведуваат дека нападот бил „директен одговор на континуираната агресија на Иран врз трговскиот бродски превоз“.

Цел биле комуникации, воздушна одбрана и депоа за дронови

Во соопштението на CENTCOM се наведува дека цел на нападите биле ирански капацитети поврзани со воен надзор, комуникации, воздушна одбрана, складирање беспилотни летала и бродови за поставување мини.

Иранската државна телевизија IRIB изутринава по локално време објави дека се слушнале експлозии во Сирик, во јужниот дел на Иран.

Засега нема независна потврда за обемот на штетата, ниту официјални информации за евентуални жртви.

Ормуската Теснина повторно во центарот на тензиите

Ормуската Теснина повторно е во центарот на најновата ескалација меѓу Вашингтон и Техеран.

Станува збор за еден од најважните поморски коридори во светот, преку кој минува значителен дел од глобалниот транспорт на нафта и гас.

Новата американска операција дополнително ја зголемува неизвесноста во регионот, додека двете страни продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за нарушување на договорот за прекин на огнот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!