Скандал во Скопје: уапсен возач на автобус што превезувал патници без возачка дозвола
28/04/2026 9:00
Мобилната единица за безбедност на сообраќајот при Министерството за внатрешни работи вчера откри сериозен пропуст во јавниот превоз во Скопје, откако приведе возач на автобус кој управувал возило без соодветна возачка дозвола.
Случајот бил евидентиран на улицата „Панајот Гиновски“ во населбата Ѓорче Петров, каде полициски службеници извршиле контрола на автобус од марката „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки. Во моментот на запирањето, автобусот вршел јавен превоз на патници.
При проверката било утврдено дека 54-годишниот З.С. од Скопје немал важечка возачка дозвола за управување со ваков вид моторно возило. Поради тоа, тој веднаш бил лишен од слобода.
Од МВР информираа дека мерки ќе бидат преземени не само против возачот, туку и против правниот субјект од Скопје кој е сопственик на автобусот и му дозволил на лице без соодветна документација да врши јавен превоз.
Според најавите, и возачот и компанијата ќе се соочат со законски предвидени санкции. Од Министерството потенцираат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредниот период низ целата држава, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните, но и до транспортните компании, доследно да ги почитуваат правилата и прописите, особено кога станува збор за јавниот превоз и безбедноста на патниците.





