MKinformer

your daily dose of news

105 години од убиството на македонскиот великан Ѓорче Петров

28/06/2026 8:08

На денешен ден се одбележуваат 105 години од убиството на Ѓорче Петров, кој во националната меморија на Македонците останува запаметен како еден од идеолозите на движењето за македонска самобитност и државност.

Но кој беше Ѓорче Петров? Дали доволно знаеме за човекот чие име е засекогаш врежано во македонската историја, особено кога станува збор за помладите генерации?

Она што најчесто се истакнува е дека, заедно со Гоце Делчев, бил првиот задграничен претставник на Македонската револуционерна организација во Софија. Се пројавил и како уставотворец, но и како заштитник на независноста на македонското движење. Тоа особено се гледа преку неговиот концепт за т.н. перманентно востание.

Убиен пред куќниот праг

Атентатот врз Ѓорче Петров бил извршен на 28 јуни 1921 година, на улицата Тробарска во Софија. Убиството било извршено од извесен Реџеп, за кого постојат сведоштва дека бил член на ВМРО.

На денот на убиството, Ѓорче Петров по излегувањето од работа ја посетил кафеаната на Иван Бандев, на улицата Егзарх Јосиф во Софија. Таму пиел ракија со Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО. Реџеп влегол во кафеаната и останал да пие пиво.

Откако Ѓорче Петров ја напуштил кафеаната, околу 7:30 часот, тргнал кон својот дом. Атентаторот го следел и пред портата на неговата куќа го убил.

Историчарите Виолета Ачкоска и Никола Жежов истакнуваат дека се претпоставува оти Тодор Александров лично го повикал Реџеп и му наложил да го убие Ѓорче Петров.

По ликвидацијата, истражните органи не можеле да го пронајдат атентаторот. Според историските сведоштва, тој се криел во станот на Тодор Александров. Неколку дена подоцна, неколку терористи на ВМРО го изнеле Реџеп надвор од Софија и го егзекутирале. Целиот ЦК на ВМРО негирал каква било поврзаност со убиството.

Големи реакции кај македонската емиграција

Атентатот врз Ѓорче Петров предизвикал силни реакции во бугарското општество, но и кај македонската емиграција. По повод неговото убиство реагирале голем број македонски емигрантски организации.

Меѓу нив бил и Националниот комитет на македонските братства, кој за убиството пишувал и во својот печатен орган „Македонија“. Таму со пиетет се пишувало за Ѓорче Петров и за ненадоместливата загуба за македонското револуционерно движење.

Националниот комитет ги надоместил трошоците за неговиот погреб. Македонските братства издале и голем број некролози, со кои ја повикувале емиграцијата масовно да присуствува на погребот.

Во траурната поворка присуствувала речиси целата македонска емиграција од Софија. Последна почит дошле да му оддадат и бројни емигрантски делегации од внатрешноста на Бугарија, како и пријатели од бугарскиот општествено-политички и јавен живот.

Што рекоа неговите современици

Христо Силјанов, македонски револуционер, историчар, новинар и публицист, во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“ пишува за улогата на Ѓорче Петров како човек кој ги поседувал способностите потребни за тешката дипломатска и организациска работа.

Според Силјанов, задачата на Ѓорче била исклучително тешка. Тој морал да комуницира со различни средини, меѓу кои офицерството, интелигенцијата, граѓаните, Врховниот комитет и владите. Помошта од сите била потребна, но во исто време тие морале да бидат држани на одредена дистанца.

За дејноста на Ѓорче како задграничен претставник сведочи и Георги Поп Христов. Според него, задграничното претставништво, во кое биле Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов, останало доследно на одлуката за потребите на Организацијата да не се земаат средства од бугарската влада.

Токму поради своите принципиелни македонски ставови, Ѓорче Петров често бил напаѓан и осудуван од различни кругови.

Ѓорче Петров како уставотворец

Ѓорче Петров, заедно со Гоце Делчев, е творец на Уставот на ТМОРО од 1897 година.

Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, втората етапа од развојот на македонското револуционерно движење започнува со Солунскиот конгрес од 1896 година и со споменатиот Устав. Со одлуките од конгресот и нивното преточување во новиот устав, организацијата добила уште поизразен македонски карактер.

Тоа е видливо и во членот 1, каде што се наведува дека Тајната македонско-одринска револуционерна организација има цел да ги сплоти сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување политичка автономија за тие области.

Во членот 4 се наведува дека член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец кој не е компромитиран со нечесно и бескарактерно однесување и кој се задолжува да биде корисен на револуционерното ослободително дело.

Со овој устав, организацијата покажала стремеж за обединување на македонското население. Истовремено, биле отворени вратите и за различни идеолошки групи, меѓу кои социјалисти и анархисти.

Концептот за перманентно востание

Ѓорче Петров настојувал да ја заштити независноста на македонското движење. Тоа е особено видливо преку неговиот концепт за т.н. перманентно востание.

Според овој концепт, организацијата требало постојано да ја држи состојбата во Македонија затегната, на граница на воена состојба. Ѓорче верувал дека на тој начин организацијата може да издејствува автономија без да влегува во зависни дипломатски односи со надворешни државни фактори.

Перманентното востание, според оваа идеја, требало да ја направи организацијата самостоен политички субјект. Таа би дејствувала постојано во Македонија, без да се приспособува на надворешни интереси и цели туѓи за македонското движење.

Овој концепт Ѓорче Петров го застапувал и во постилинденскиот период, како начин за зачувување на независноста на револуционерната организација.

Британски документ за убиството

Убиството на Ѓорче Петров било следено и од дипломатските претставници во Бугарија. Особено интересна е британската кореспонденција во која се бележи убиството и се опишува неговата улога во македонското движење.

Станува збор за извештај на британскиот дипломатски претставник Сер А. Пил до маркизот Курзон од Кедлестон, тогашен британски секретар за надворешни работи. Извештајот е од 6 јули 1921 година, а во Лондон бил примен на 11 јули истата година.

Во документот се нагласува шокираноста од веста за убиството на Ѓорче Петров во бугарското општество и кај македонската емиграција. Убиството се карактеризира како злосторство од политичка природа.

Во извештајот Ѓорче Петров е означен како Македонец. Се наведува дека извесно време бил инспектор на училиштата во солунската област, а потоа се посветил на организирање востанија во Македонија. Се истакнува и дека бил член на Централниот комитет на револуционерните друштва и често имал водечка улога во активностите на движењето.

Во документот се посочуваат и поделбите во македонското револуционерно движење. Во таа конотација, за Ѓорче се наведува дека ѝ припаѓал на умерената групација.

Повеќе од еден век по неговото убиство, Ѓорче Петров останува една од клучните личности во македонската историја. Неговото дело, неговите идеи и неговата борба за самостојност на македонското движење остануваат важен дел од националната меморија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!