MKinformer

your daily dose of news

Претседателката ДАВКОВА во Евреван: ПОЧИТУВАЊЕ НА КОПЕНХАШКИТЕ КРИТЕРИУМИ за влез во ЕУ на Македонија

05/05/2026 12:59

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на 8. Самит на Европската политичка заедница во Ереван, оствари билатерална средба со романскиот претседател Никушор Дан. Средбата е наведена и во официјалното соопштение на Кабинетот на претседателката.

Во фокусот на разговорите биле македонските евроинтеграции, регионалната безбедност и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји. Сиљановска-Давкова изразила благодарност за континуираната поддршка што Романија ѝ ја дава на земјава на патот кон Европската Унија.

Претседателката нагласила дека пристапниот процес треба да биде фер, предвидлив и заснован на исполнување на Копенхашките критериуми. Таа посочила дека почитувањето на европските принципи и вредности мора да остане основа на целиот процес.

За време на средбата било поздравено и романското разбирање за македонските аспирации во иницијативата „Три мориња“. Според Сиљановска-Давкова, регионалната поврзаност е важен предуслов за економски развој и за политичко приближување во рамките на Унијата.

Двајцата претседатели изразиле подготвеност за интензивирање на економската размена и за поблиска соработка во културата, образованието и науката. Како потврда за добрите билатерални односи, македонската претседателка му упатила покана на Дан за официјална посета на земјава.

error: Содржината е заштитена од копирање !!