MKinformer

your daily dose of news

Чупиќ од Охрид: И Бугарија треба да помогне во решавањето на спорот со Македонија – овој регион ги даде Делчев, Његош, Андриќ и Крлежа

28/11/2026 14:56

Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Србија, од самитот во Охрид порача дека и Бугарија, како членка на Европската Унија, треба да помогне во надминувањето на отворените прашања во регионот.

Чупиќ се воздржа од директен коментар за билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, посочувајќи дека не е целосно запознаен со ситуацијата.

Сепак, тој оцени дека земјите од регионот кои веќе се членки на ЕУ треба да им помагаат на оние што се на патот кон европското членство.

Чупиќ: Можеби и на Бугарија ѝ е местото тука

Вршителот на должноста претседател на Србија го посочи Процесот Брдо-Бриони како пример за регионална соработка и пренесување на искуствата од земјите членки на ЕУ.

„Мислам дека можеби и на Бугарија ѝ е местото тука, ако веќе е членка на ЕУ, и таа да помогне. Сите сме во ист регион“, изјави Чупиќ.

За Чупиќ, самитот во Охрид беше прв меѓународен самит по преземањето на новата функција.

Тој оцени дека средбите со регионалните лидери придонеле за воспоставување нов квалитет на комуникација.

Балканот ги даде Делчев, Његош, Андриќ и Крлежа

Во своето обраќање на самитот во Охрид, Чупиќ се осврна и на богатото историско, културно и научно наследство на Балканот.

Меѓу истакнатите историски и културни личности од регионот, тој го спомена и Гоце Делчев.

„Овој регион ги даде Делчев, Његош, Прешерн, Андриќ, Селимовиќ, Крлежа и Кадаре, а балканската почва ги роди Тесла, Пупин и Руѓер Бошковиќ. Имаме што да си понудиме едни на други, на Европа и на светот“, порача Чупиќ.

Тој ја нагласи и потребата од поголемо вклучување на младите во политичките процеси.

Според него, без нивно активно учество во носењето одлуки, не може да се очекува младите да останат и да ја градат својата иднина во регионот.

Средба со претседателката Сиљановска-Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и Чупиќ разговарале за билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Србија.

Сиљановска-Давкова ја нагласи важноста на политичкиот дијалог заснован врз меѓусебно почитување и разбирање.

Таа изрази уверување дека традиционалното пријателство меѓу двата народа ќе придонесе за продлабочување на соработката во повеќе области.

Меѓу нив ги посочи образованието, науката, економијата, културата, туризмот и дигитализацијата.

Чупиќ ја поддржал и иницијативата на македонската претседателка за поголемо вклучување на младите во средбите на регионалните лидери.

Сиљановска-Давкова му честитала за победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија и за неговиот избор за претседател на српското Собрание.

Србија најавува урамнотежена и предвидлива надворешна политика

Во однос на идната надворешна политика на Србија, Чупиќ порача дека таа ќе биде урамнотежена, предвидлива и доследна.

Сепак, нагласи дека неговите актуелни овластувања не му дозволуваат да ја формулира и спроведува државната политика.

Тој изрази очекување дека новата српска влада ќе биде формирана во разумен рок.

Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид беше прво меѓународно претставување на Александар Чупиќ во својство на вршител на должноста претседател на Србија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!