MKinformer

your daily dose of news

(Видео)Трамп пристигна во Пекинг, утре ќе има средба со Си Џинпинг

13/05/2026 15:39

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Пекинг, каде утре ќе оствари средба со кинескиот претседател Си Џинпинг.

На аеродромот во кинеската престолнина му беше приреден свечен пречек. Трамп го дочекаа воен оркестар, кинеска делегација и 300 млади Кинези со знамиња во рацете.

Младите беа облечени во сино-бели униформи, а кинеската делегација ја предводеше потпретседателот Хан Женг.

Средбата меѓу Трамп и Си Џинпинг се очекува да биде посветена на повеќе важни прашања. Во фокусот ќе бидат трговијата, безбедноста и вкупните односи меѓу Вашингтон и Пекинг.

Пред летот за Кина, Трамп изјави дека ја има контролата врз Иран.

Во состав на американската делегација се и државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и трговскиот претставник Џејмисон Грир.

Со Трамп во Пекинг отпатуваа и дел од најмоќните американски бизнисмени. Меѓу нив се Илон Маск, Тим Кук, како и директори на „Боинг“, „БлекРок“, „Голдман Сакс“, „Виза“ и „Мастеркард“.

Посетата се следи со големо внимание, бидејќи доаѓа во време на чувствителни односи меѓу САД и Кина, но и во период на засилени глобални безбедносни и економски тензии.

error: Содржината е заштитена од копирање !!