Мицкоски: Реформите не се само уставни измени, опозицијата да се вразуми и да помогне во исполнување на европската агенда
15/05/2026 14:19
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека реформите не треба да се сведуваат само на уставни измени, туку на суштински промени што ќе ја придвижат државата напред.
Одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општина Кичево, тој рече дека Владата е целосно фокусирана на исполнување на реформската агенда.
Според Мицкоски, по состанокот со Герт Јан Копман од Европската комисија, постои оптимизам дека може да се реализираат речиси сите обврски од актуелниот пакет.
„Сите сме оптимисти дека од десетте точки можеме да испорачаме девет и пол, а можеби и сите десет“, изјави премиерот.
Изборниот законик зависи и од опозицијата
Мицкоски посочи дека за дел од реформските чекори е потребно и учество на опозицијата. Како пример го наведе Изборниот законик.
Тој изрази надеж дека опозициските партии ќе се вратат во работната група и ќе дадат поддршка за усвојување на законот.
Според него, токму ваквите реформи се доказ за европска ориентација, а не само дебатата за уставните измени.
„Фокусирани сме на суштинските работи“
Премиерот упати критики и кон раководството на СДСМ. Тој оцени дека тие лесно попуштаат наместо да работат на вистинските реформи.
Мицкоски порача дека Владата останува фокусирана на, како што рече, суштинските прашања што треба да ја доближат државата до Европа.
Тој повтори дека реформите не значат само внесување на Бугарите во Уставот, туку и спроведување на серија важни закони и промени во системот.






