MKinformer

your daily dose of news

ЕУ одобри нови 65,7 милиони евра за Македонија во рамки на Планот за раст

20/05/2026 15:57

Европската комисија одобри нова транша од 65,7 милиони евра за Република Северна Македонија во рамки на Планот за раст за Западен Балкан и Механизмот за реформи и раст.

Од Министерството за европски прашања информираат дека оваа финансиска поддршка е потврда оти државата успешно ги спроведува реформите и ги реализира приоритетите во повеќе важни области.

Според министерството, средствата се поврзани со напредокот во дигитализацијата, образованието и институционалниот развој, во согласност со европските стандарди.

Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оцени дека одлуката на Европската комисија е силен сигнал на доверба и признание за реформската агенда на државата.

„Европската интеграција повеќе не е само политичка аспирација. Денес таа се претвора во конкретни инвестиции, поддршка и реални можности за нашите граѓани“, изјави Сали.

Од Министерството за европски прашања посочуваат дека новоодобрените средства ќе бидат дополнителен поттик за продолжување на реформите, зајакнување на институциите и забрзување на европскиот пат на земјата.

Во соопштението се нагласува и дека ресорното министерство останува посветено на координацијата на реформските процеси, со цел европската поддршка да се преточи во повисок животен стандард и повеќе можности за граѓаните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!