Ова е местото каде што САД и Иран во петок треба да го потпишат договорот за крај на војната
16/06/2026 22:31
Потпишувањето на рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на војната на Блискиот Исток е планирано да се одржи во планинското одморалиште Биргеншток, во централна Швајцарија.
Според информациите, церемонијата во оваа фаза е закажана за петок, 19 јуни, во кантонот Нидвалден.
Во соопштението се наведува дека токму Биргеншток бил предложен како локација од пакистанските и катарските медијатори, како и од САД и Иран.
Швајцарското Министерство за надворешни работи информира дека е во близок контакт со сите страни вклучени во процесот, односно со Вашингтон, Техеран, Пакистан и Катар.
Изборот на Швајцарија како домаќин не е изненадување, имајќи предвид дека земјата традиционално важи за неутрална територија за чувствителни дипломатски преговори и мировни процеси.
Доколку дојде до потпишување, ова би бил еден од најзначајните дипломатски чекори во обидите за запирање на конфликтот и намалување на тензиите на Блискиот Исток.




