Папата Лав XIV го поздрави договорот меѓу САД и Иран и повика мирот да биде траен
17/06/2026 8:48
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, го поздрави привремениот договор меѓу САД и Иран за прекин на воените дејствија на Блискиот Исток.
Тој изрази надеж дека договорот, кој треба да биде потпишан в петок, ќе стави траен крај на конфликтот.
Папата се обрати пред новинарите од својата резиденција во Кастел Гандолфо.
Тој порача дека и натаму има неколку отворени прашања. Но, нагласи дека тие треба да се решаваат преку дијалог и преговори, а не со ново враќање кон војна.
„Се уште има неколку прашања што треба да се решат, но секогаш е подобро тоа да се направи преку дијалог и преговори, наместо преку враќање кон војна“, изјави папата.
Лав XIV додаде дека се надева оти договорот навистина ќе значи крај на војната.
„Се надевам дека ова навистина претставува решение за војната, дека војната навистина заврши и дека можеме да продолжиме понатаму“, рече тој.
Папата и претходно упати критики за војната против Иран. Тие изјави предизвикаа реакции и од американскиот претседател Доналд Трамп.
Неговата последна порака доаѓа во момент кога светот внимателно го следи исходот од договорот меѓу Вашингтон и Техеран.






