MKinformer

your daily dose of news

Прва Божиќна миса на Папата Лав во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан: Нема место за Бог ако нема место за човекот

25/12/2025 12:37

Поглаварот на Римокатоличката црква, Папа Лав XIV, ја служеше својата прва полноќна божиќна миса во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, испраќајќи силна порака за солидарност, човечност и одговорност кон сиромашните и странците.

Во својата проповед, папата потсети дека Исус Христос бил роден во штала, откако за Него немало место во гостилницата, нагласувајќи дека таа библиска сцена не е само историски настан, туку постојан морален предизвик за човештвото.

„Нема место за Бог на Земјата ако нема место за човекот. Таму каде што човекот е отфрлен, таму е отфрлен и Бог“, порача Лав XIV, додавајќи дека рамнодушноста кон оние на кои им е потребна помош претставува директно негирање на христијанските вредности.

На мисата во базиликата „Свети Петар“ присуствуваа околу 6.000 верници, додека уште околу 5.000 луѓе ја следеа службата на плоштадот Свети Петар, и покрај силниот дожд што врнеше во текот на вечерта. Пред почетокот на литургијата, папата лично ги поздрави верниците кои чекаа на плоштадот, изразувајќи благодарност за нивната истрајност.

„Ве почитувам и ви се восхитувам за храброста и желбата да бидете тука вечерва, и покрај временските услови“, им рече папата.

Лав XIV, кој во мај беше избран за наследник на покојниот папа Франциск, е првиот папа во историјата кој доаѓа од Соединетите Американски Држави, а ова е негов прв Божиќ на чело на Католичката црква.

Денеска, на Божик по Грегоријанскиот календар, папата ќе служи уште една света миса, по што ќе ја упати традиционалната божиќна порака „Urbi et Orbi“ – порака до градот Рим и до целиот свет, во која се очекува повторно да повика на мир, солидарност и грижа за најранливите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!