MKinformer

your daily dose of news

Кривични пријави за насилство и за родителите на малолетничките

02/07/2026 16:10

Полицијата разговараше со две малолетнички за врсничко насилство во Аеродром, се трага по други учесници

12-годишно девојче принудувано да клекне и да се извинува, нападот снимен со мобилни телефони, ќе следуваат кривични пријави

Случајот пријавен во полиција

По вознемирувачката снимка од врсничко насилство во скопската општина Аеродром, полицијата изврши разговор со две малолетнички и нивните родители, а се трага и по другите учесници кои го снимале инцидентот.

Случајот беше пријавен вчера во 19:30 часот во СВР Скопје, кога 31-годишна жена пријавила дека нејзината 12-годишна ќерка претходната вечер, околу 22 часот, во парк во општина Аеродром била жртва на физичко и психичко насилство.

Брутален напад во парк

Според пријавата, 14-годишна малолетничка, заедно со своја другарка, во два наврати ја принудиле девојчето да клекне на колена и да им се извинува. Откако тргнала да си замине, била физички нападната од друга малолетничка.

Целиот настан го снимале со мобилни телефони повеќе малолетници кои биле присутни, а едно од лицата што снимало било познато на оштетеното девојче.

Кривични пријави и за родителите

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители.

За случајот се известени јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Полицијата продолжува со активности за утврдување на идентитетот и на другите малолетници кои учествувале или го снимале насилството, по што ќе бидат поднесени кривични пријави за кривичните дела „насилство“ и „запуштање и малтретирање на малолетно лице“, согласно Кривичниот законик.

По целосното расчистување на случајот, кривични пријави ќе бидат поднесени не само против малолетничките осомничени, туку и против нивните родители.

error: Содржината е заштитена од копирање !!