MKinformer

your daily dose of news

Македонката Љупка Вртева избрана меѓу 12 највлијателни инженерки во светот за 2026 година

03/07/2026 8:14

Македонката Љупка Вртева, која живее и работи во Словенија, е избрана меѓу 12 највлијателни инженерки во светот за 2026 година.

Станува збор за меѓународниот избор „Жени инженери што треба да ги познавате – 2026“, кој го организира Друштвото на жени инженери, познато како SWE.

Вртева, која работи како развоен инженер во Љубљана, вели дека признанието за неа е важно затоа што доаѓа од меѓународната инженерска заедница.

„Мило ми е што ова признание дојде токму од меѓународната инженерска заедница. Искрено, не го доживувам како нешто што го менува моето секојдневие. И понатаму најважни ми се работата, проектите и можноста постојано да учам. Но, убаво е кога некој ќе препознае дека тоа што го правиш има вредност и надвор од средината во која работиш“, изјави Вртева за Факултети.мк.

Признание за инженерки од различни земји

„Жени инженери што треба да ги познавате – 2026“ е меѓународен избор во чии рамки секоја година се избираат од 10 до 15 инженерки од различни земји и инженерски области.

Изборот ги истакнува нивните достигнувања, професионален придонес и влијание како инспирација за идните генерации.

Во образложението за изборот на Вртева било наведено дека во својата работа таа ги поврзува техничката извонредност, следењето на потребите на луѓето и придонесот за поголема видливост на инженерската професија.

„Мислам дека ваквите признанија повеќе зборуваат за системот и околината во која се стекнува некое знаење и искуства отколку за поединецот. Ако преку една ваква приказна барем еден млад човек добие поинаква претстава за инженерството и се охрабри да тргне по тој пат, тогаш сето ова има вистинска смисла“, вели Вртева.

Претходно прогласена за Инженер на годината во Словенија

Љупка Вртева пред две години беше прогласена за Инженер на годината во Словенија, а новото меѓународно признание дополнително ја потврдува нејзината професионална позиција.

Таа нагласува дека инженерството речиси никогаш не е резултат на работата на само еден човек.

„Во инженерството ретко што е резултат на работата на само еден човек. Зад секој проект стојат многу луѓе, различни знаења и добра соработка. Затоа ова признание го доживувам и како признание за сите со кои сум работела и од кои сум учела низ годините“, додава таа.

Фокус на енергетски системи и ефикасност

Најголем дел од нејзиното професионално искуство е поврзано со проектирање поголеми енергетски системи за згради.

Нејзината работа опфаќа системи за греење, ладење и вентилација, како и енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија.

Вртева вели дека во својата работа секогаш се труди технологијата да биде прилагодена на човекот и неговите потреби.

„Во мојата работа секогаш се трудам технологијата да се приспособува на човекот и неговите потреби, а не човекот да мора да се приспособува на технологијата. Верувам дека доброто инженерско решение не е само технички исправно, туку и функционално, интуитивно за користење и навистина му го олеснува секојдневието на човекот“, истакнува Вртева.

Според неа, секое признание е потсетник дека секогаш има простор за учење и напредок, што за неа е поважно од самото признание.

error: Содржината е заштитена од копирање !!