MKinformer

your daily dose of news

НАТО подготвува „банка за оружје“ вредна 133 милијарди долари, Канада ќе ја претстави иницијативата

03/07/2026 10:32

Канада планира на претстојниот самит на НАТО во Анкара да претстави иницијатива за основање нова меѓународна кредитна институција, која би ги финансирала одбранбените и безбедносните проекти на сојузничките земји.

Според западни агенции, станува збор за Банка за одбрана, безбедност и отпорност, чиј финансиски капацитет би можел да достигне околу 133 милијарди долари.

Средствата би се користеле за кредити под поповолни услови за земји и компании што учествуваат во развој на воената индустрија, набавка на опрема и зајакнување на одбранбените капацитети.

Канада со почетен придонес од 1,7 милијарди долари

Се очекува канадскиот премиер Марк Карни да ја презентира иницијативата на состанокот на шефовите на држави и влади на НАТО во Турција.

Првичниот придонес на Канада треба да изнесува околу 1,7 милијарди долари, а околу десет земји би можеле да се приклучат на проектот во првата фаза.

Вкупно, до 19 земји би можеле да бидат меѓу основачите на новата финансиска структура.

Според сегашните планови, услугите на банката би можеле да ги користат до 40 земји.

Седиште во Канада, европско претставништво во Луксембург

Планирано е седиштето на институцијата да биде во Канада, во еден од поголемите градови.

Европското претставништво, според досегашните најави, треба да биде во Луксембург.

Иако иницијативата се претставува како обид за побрзо финансирање на одбранбените програми и за зголемување на капацитетот на воената индустрија, нејзиното формирање сè уште не е сигурно.

Дел од членките имаат резерви

Статутот на новата институција треба да помине низ процедури во националните парламенти, поради што се проценува дека целиот процес може да трае со месеци.

Според дипломатски извори, дел од членките на НАТО засега покажуваат резерви во врска со планот.

Велика Британија и Холандија даваат приоритет на сопствен механизам за финансирање, додека Германија учествувала претпазливо во разговорите, без јасна обврска да биде меѓу основачите.

НАТО бара забрзани инвестиции

Претставници на командата на Алијансата пред самитот во Анкара ги повикаа сојузниците да ги забрзаат инвестициите во воени капацитети, производство на оружје и инфраструктура неопходна за долгорочната безбедносна политика на блокот.

Самитот на НАТО ќе се одржи на 7 и 8 јули во турската престолнина, објави „Макфакс“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!