Сиљановска-Давкова ја предводи македонската делегација на самитот на НАТО во Анкара
07/07/2026 9:13
Во турската престолнина Анкара денеска почнува дводневниот самит на НАТО, на кој ќе учествуваат лидерите на земјите-членки на Алијансата.
Македонската делегација ја предводи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во состав на делегацијата се и министрите Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Свечена вечера кај Ердоган
Вечерва претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствува на свечената вечера што за лидерите на земјите-членки ја организира турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Утре таа ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет.
На самитот во Анкара ќе присуствуваат лидерите на сите 32 земји-членки на НАТО, како и бројни поканети претставници. Турција е домаќин на самитот што се одржува на 7 и 8 јули во Анкара.
Одбранбени инвестиции и безбедносни предизвици
Главни теми на самитот ќе бидат зголемувањето на инвестициите во одбраната, зајакнувањето на одбранбените капацитети и безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата.
НАТО во Анкара се очекува да испрати порака за поголеми издвојувања за одбраната и зацврстување на сојузничкото единство. Според европските медиуми, генералниот секретар Марк Руте ќе укаже на значителен раст на одбранбените трошоци во Европа и Канада.
Украина меѓу главните теми
Лидерите ќе разговараат и за војната во Украина.
Според најавите, поддршката за Киев ќе биде една од централните теми на самитот. Во дел од извештаите се наведува дека сојузниците ќе разговараат за голем пакет воена помош за Украина во следните две години.
Во завршната декларација се очекува Русија повторно да биде означена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност.
Форум на одбранбената индустрија
На маргините на самитот ќе се одржи и Форум на одбранбената индустрија.
Според „Ројтерс“, европските членки на НАТО се подготвуваат да објават големи одбранбени договори во Анкара, во вредност од десетици милијарди евра.
Покрај учеството на официјалните седници, претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари и повеќе билатерални средби со странски државници.






