MKinformer

your daily dose of news

Ердоган му понудил поддршка на Трамп за спроведување можен договор со Иран

24/05/2026 13:43

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и притоа порача дека Турција е подготвена да обезбеди секаков вид поддршка во фазата на спроведување на евентуален договор со Иран.

На состанокот, што се одржал преку видеоврска, учествувале и кралот на Бахреин Хамад бин Иса Ал Калифа, претседателот на Обединетите Арапски Емирати Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, јорданскиот крал Абдула Втори, како и началникот на Генералштабот на пакистанската армија Асим Мунир. На средбата присуствувале и членови на кабинетот на американскиот претседател.

Ердоган на состанокот истакнал дека Турција отсекогаш се залагала за решавање на проблемите преку дијалог и дипломатија. Тој изразил задоволство што дипломатскиот процес со Иран достигнал ниво за кое, како што посочил, се залагал и претседателот Трамп.

Турскиот лидер нагласил дека секој евентуален договор би можел да придонесе за стабилноста во регионот, особено преку обезбедување слободен премин низ Ормуската Теснина, што би значело и олеснување за глобалната економија.

Во своето обраќање, Ердоган им се заблагодарил на сите земји што дале придонес во преговарачкиот процес и повторил дека Анкара е подготвена активно да помогне доколку дојде до конечен договор.

„Турција се труди мирот да преовладува во целиот регион и верува дека во рамките на процесот може да се најдат соодветни решенија за навидум спорните прашања, вклучително и нуклеарното прашање поврзано со Иран“, навел Ердоган.

Тој додал и дека Турција посакува нова ера во која земјите од регионот нема да претставуваат закана една за друга и во која, како што рекол, во праведен мир нема да има губитници.

error: Содржината е заштитена од копирање !!