Во Торонто формирана Канадско Македонска Стопанска Комора
23/03/2026 10:24
Во Торонто се одржа првиот состанок на Основачкиот одбор на Канадско Македонската Стопанска Комора, иницијатива чија цел е организирано економско поврзување и заеднички настап на македонската дијаспора во Канада.
Со овој чекор се отвора нова фаза во економското организирање на Македонците во Канада, со амбиција Комората да прерасне во централна точка на македонскиот бизнис живот во земјата.
Во состав на Основачкиот одбор се Милосов Лукароски, Теа Пешева, Диана Индовски, Иван Лукароски и Кирил Колемишевски. На состанокот биле поставени темелите на идното дејствување на Комората, со фокус на поддршка на македонските претприемачи, професионалци и компании.
Целта е да се изгради силна и поврзана бизнис заедница што ќе може да настапува координирано, стратешки и заеднички. Преку ваквиот пристап, Комората има намера да ги зајакне деловните односи во рамки на македонската заедница во Канада, но и да отвори нови можности за трговија, инвестиции и соработка меѓу Канада и Македонија.
Во својата поставеност, Канадско Македонската Стопанска Комора се позиционира како платформа за поттикнување на претприемништвото, професионалниот развој и создавање конкретни мостови меѓу македонските бизниси од двете страни на Атлантикот.
Намерата е да се изгради стабилна економска мрежа која нема да биде само формална, туку ќе донесува реални резултати преку партнерства, инвестиции и размена на знаење и искуства.
Основачкиот одбор ја истакнал својата определба оваа иницијатива да прерасне во силен двигател на економско поврзување, со јасна насока кон долгорочен раст, јакнење на македонскиот бизнис идентитет во Канада и продлабочување на економските врски со Македонија.
Со одржувањето на првиот состанок, Канадско Македонската Стопанска Комора го означи почетокот на нова организациска и економска енергија во дијаспората, со потенцијал да создаде видливи и долгорочни резултати за македонската заедница.
Комората е отворена за членство и соработка со сите заинтересирани компании, претприемачи и професионалци од Канада и Македонија, кои сакаат да придонесат во градењето посилни деловни врски, размена на знаење и заеднички економски развој меѓу двете земји.






