Условна казна за поранешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска
14/07/2026 15:28
Основниот кривичен суд Скопје ја прогласи за виновна поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, и ѝ изрече условна казна затвор од една година.
Димитровска е осудена за кривичните дела оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Казната нема да се изврши доколку во следните три години не стори ново кривично дело.
Осум месеци за службена тајна, шест за компјутерски фалсификат
За оддавање службена тајна, Судот ѝ утврдил казна затвор од осум месеци.
За компјутерски фалсификат ѝ била утврдена казна од шест месеци.
За двете кривични дела е изречена единствена условна казна затвор од една година.
Осуден и ревизорот Миле Столевски
Во истиот предмет, за виновен е прогласен и ревизорот Миле Столевски.
Тој е осуден за кривичното дело компјутерски фалсификат и доби условна казна затвор од шест месеци.
Казната нема да се изврши доколку во рок од две години не стори ново кривично дело.
Билјана Петровска-Мантева ослободена
Третообвинетата Билјана Петровска-Мантева е ослободена од обвинението.
Судот оценил дека Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека таа го сторила кривичното дело оддавање службена тајна.
Судот: Нарушен е интегритетот на ДКСК
Во образложението на пресудата, судечкиот совет наведе дека оддавањето службени информации го нарушува интегритетот на ДКСК и претставува повреда на службената должност.
Судијата Илија Трпков нагласи дека претседателот на Антикорупциската комисија не само што раководи со нејзината работа, туку ја претставува и довербата на јавноста во институцијата.
Информации наводно биле доставувани до обвинет во „Адитив“
Според обвинението, Димитровска оддавала службени информации на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, кој е обвинет во предметот „Адитив“.
Таа се товареше и дека ревизорот Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба.




