Условни казни за тројцата полицајци од „Пулс“: Судот утврди дека должностите ги извршувале само привидно
05/05/2026 14:59
Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни тројцата полицајци од Кочани, обвинети за злоупотреба на службената положба.
На Кире Богатинов и Горан Лазаров им е изречена условна казна затвор од по една година. Командирот на Полициската станица Кочани, Александар Темелков, доби условна казна затвор од две години.
Според пресудата, казната за Темелков нема да се изврши ако во рок од четири години не стори ново кривично дело.
Во образложението, судијката Лидија Петровска посочи дека Судот ги зел предвид олеснителните околности. Сепак, нагласи дека обвинетите не ја извршиле суштината на својата службена должност.
„Обвинетите своите службени должности ги извршиле само привидно. Формата била запазена, но суштината изостанала“, истакна судијката.
Според Судот, формалното постапување кое не води до конкретен резултат не значи реално извршување на должноста. Напротив, тоа претставува нејзино неизвршување.
Судот: Не била поведена прекршочна постапка
Судијката нагласи дека како последица на ваквото постапување не била поведена прекршочна постапка против носителот на дејноста и одговорното лице. Со тоа, според Судот, им била овозможена имотна корист преку неповедување на постапката.
Во однос на Богатинов и Лазаров, Судот утврдил дека не провериле кое правно лице ја врши дејноста во дискотеката „Пулс“. Дополнително, внеле податоци што не произлегувале од официјални документи.
За Темелков имало податоци за лиценцата
За командирот Александар Темелков, Судот утврдил дека располагал со информации за лиценцата. И покрај тоа, одобрил постапка против субјект што не ја вршел дејноста.
„Кога службеното овластување се сведува на форма без содржина, правната заштита станува привид, а одговорноста е изиграна“, нагласи Петровска.
Таа додаде дека површното вршење на службената должност создава впечаток дека одредени субјекти се недопирливи и надвор од дофатот на законот. Такво нешто, порача Судот, не смее да постои во правна држава.
Обвинетите ќе треба да ги платат и судските трошоци. Пресудата засега не е правосилна.






