Ексдиректорот на затворот „Скопје“ доби осум месеци затвор
31/12/2025 15:02
Судот изрече условна казна затвор од шест месеци, која нема да се изврши доколку осудениот во рок од две години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Условна казна од осум месеци затвор му е изречена и на обвинетиот Т.Н., кој беше гонет за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење во службата. Казната нема да се реализира доколку во наредните три години не изврши друго кривично дело.
Обвинетите Ѓ.Р. и С.П. се осудени на по три месеци условна казна, со рок на проверка од една година, додека на обвинетиот К.В., осуден за несовесно работење во службата, му е изречена условна казна затвор од три месеци, исто така со рок на проверка од една година.
Од Кривичен суд нагласуваат дека пресудата не е правосилна и дека и Обвинителството и обвинетите имаат право на жалба до Апелациски суд Скопје.
Пресудата предизвика остри политички реакции и меѓусебни обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ ја обвинија актуелната власт дека, како што наведоа, преку „нарачани судски пресуди“ спроведува директна репресија врз нивни партиски функционери. Според нив, со поставување „свои судии и обвинители“, власта го укинала независното судство и обвинителство, оценувајќи дека пресудата против Андонов претставува политички прогон.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлија овие обвинувања, тврдејќи дека Андонов бил именуван за член на Извршниот одбор на СДСМ со цел, како што велат, подоцна пресудата да се прикаже како политички мотивирана.
Судскиот процес започна на 20 август, но првото рочиште беше одложено на барање на одбраната, поради потреба од увид во доказите доставени од Обвинителството.
Во изјава за медиумите, Андонов тогаш изјави дека за три и пол години како директор на затворот „Скопје“ во ниту еден случај не го прекршил Законот за извршување санкции, оценувајќи ги обвиненијата против него и затворските полицајци како неосновани.
На рочиштето одржано на 2 октомври, Андонов се изјасни дека не се чувствува виновен, нагласувајќи дека постапувал во рамки на своите дискрециони овластувања.
Во предметот беше обвинет и уште еден затворски полицаец, но постапката за него е одвоена поради здравствената состојба.





