MKinformer

your daily dose of news

Превентивна заштита на Македониумот во Крушево

26/07/2026 21:22

Превентивните мерки на Македониумот се привремена заштита до целосна конзервација

Во тек е подготовка на основен проект за реставрација и санација

Преземените мерки на споменикот Илинден – Македониум во Крушево имаат исклучиво превентивна заштитна функција и претставуваат преодна фаза до целосната конзервација на објектот, соопшти директорката на прилепскиот „Завод и музеј“, Мимоза Христоска, по реакциите во јавноста за поставените заштитни елементи на куполата.

Таа информира дека во тек е изработка на Основен проект за конзервација, реставрација и санација на куполата на Споменикот Илинден – Македониум, со кој ќе бидат утврдени сите неопходни интервенции согласно конзерваторските принципи, стручните стандарди и законската регулатива за заштита на културното наследство.

Македониумот е прогласен за културно добро во опасност

Христоска посочува дека Македониумот, како споменик на културата од исклучително значење, во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност.

„Македониумот, како споменик на културата од исклучително значење, во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност, затоа што повеќе од четириесет години се соочува со сериозни оштетувања предизвикани од долготрајната изложеност на климатско-атмосферските влијанија: навлегување на вода, појава на влага, протекување и биодетериозација, што ја влошуваат состојбата на Споменикот и претставуваат непосредна закана, особено за металната конструкција на која се носат стаклените галерии на првото ниво и витражите од второто ниво, со што е загрозен и ентериерот и автентичните архитектонско-уметнички елементи во него, авторски дела на уметниците Петар Мазев и Борко Лазески.“

Превентивната заштита е неопходна мерка

Во соопштението се наведува дека согласно конзерваторската методологија, било неопходно итно да се преземат превентивни мерки за да се спречи понатамошното оштетување на објектот.

„Согласно конзерваторската методологија, се наметна итна и неопходна мерка-превентивна заштита. Преземените превентивни активности, содржани во предлогот за превентивна заштита имаат за цел да се отстрани влијанието на надворешните фактори и да се спречи понатамошната деградација на културното добро. Според тоа, дури по реализација на непосредната заштита на конзерваторскиот проект, ќе може да се коментира за успешноста на неговата реализација“, се наведува во соопштението.

Посветеност на зачувување на културното наследство

Од Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп“ истакнуваат дека остануваат целосно посветени на заштитата, зачувувањето и афирмацијата на Македониумот како едно од најзначајните поединечно заштитени дела на современото македонско културно наследство.

error: Содржината е заштитена од копирање !!