MKinformer

your daily dose of news

Реставрација на легендарниот 70-годишен „ФАП“ или подготовка за сезоната на пожари?

06/03/2026 20:24

Дали општинска институција информира, бара помош од бизнис заедницата или прави маркетинг за приватна компанија?

Ова прашање се отвори откако на официјалната Фејсбук страница на Општина Демир Капија беше објавен статус кој, според реакциите на јавноста, повеќе личи на рекламна објава отколку на транспарентно информирање на граѓаните.

Во објавата се потсетува на пожарите од август 2021 година и на тогашниот ангажман на стар „ФАП“ камион од 50тите години, кој учествувал во гаснењето на пожарот кај караулата на граничниот премин Богородица. Наместо јасна информација што конкретно се прави со возилото денес, објавата е исполнета со благодарници до приватната компанија „Шредер ДООЕЛ Демир Капија“ и до неколку лица, наведени со име и презиме.

Но, од текстот не е јасно дали станува збор за реставрација на камионот како некаков музејски експонат, дали се работи за донација, или пак за подготовка на возилото за новата сезона на пожари.

Токму поради ваквата нејаснотија, МК Информер телефонски ја контактираше Општина Демир Капија. Од таму ни беше одговорено дека камионот се поправа за следната сезона на пожари, а поправката била спонзорирана од лицата кои се споменуваат во објавата.

Но тука се отвора ново прашање: Зошто се реставрира 70 години стар камион, кој троши гориво „повеќе“ отколку што носи вода во цистерната, наместо да се размислува за набавка на половен, но многу понов противпожарен камион? Според познавачи на оваа проблематика, цената за реставрација на толку старо возило често се приближува до цената на половна противпожарна цистерна.

На ова прашање од Општината ни беше одговорено дека ќе одговори градоначалничката Наталија Димитриева. Но, до моментот на објавување на текстот, одговор не добивме. Според информациите од општинската администрација, градоначалничката не го проверила ниту мејлот со испратените новинарски прашања.

Во меѓувреме, реакциите под самата објава на Фејсбук се претежно негативни. Голем дел од коментарите обвинуваат дека општинскиот профил се користи за промоција на приватна компанија. Други пак тврдат дека се промовираат луѓе кои, според нив, не плаќаат локални давачки како туристичка такса, додека бизнисите кои редовно ги подмируваат обврските кон општината остануваат во сенка.

Оттука, наместо позитивна приказна за општествена одговорност, објавата на Општина Демир Капија отвори дилеми за транспарентноста, приоритетите и начинот на комуникација со јавноста.

Јавноста, пак, со право прашува:
Дали се подготвува стар камион за нова сезона на пожари или се подготвува нова општинска ПР кампања на сметка на граѓаните?

error: Содржината е заштитена од копирање !!