MKinformer

your daily dose of news

Битиќи: Државата им должи 694 милиони евра на компаниите, а за фирмите има сè помалку поддршка

14/10/2026 18:54

Државата им должи 694 милиони евра на компаниите по основ на доспеани, а неплатени обврски, предупреди пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Во отсуство на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Битиќи упати прашање до заменик-министерот Николче Јанкуловски. Од него побара да соопшти колкав е тековниот долг на јавните субјекти кон приватните компании и колку државата им должи по основ на поврат на ДДВ.

Битиќи оцени дека домашното стопанство е притиснато од две страни – од недоволна системска поддршка за освојување нови пазари и од предолгото чекање за наплата на веќе сработеното.

Неплатените обврски пораснале за 17,6 милиони евра

Според податоците што ги презентираше Битиќи, доспеаните, а неплатени обврски на јавните субјекти се зголемиле од 41,6 милијарди денари во март 2026 година на 42,7 милијарди денари во јуни.

Тоа значи дека за три месеци биле наталожени дополнителни 1,1 милијарда денари, односно околу 17,6 милиони евра.

„Вкупно, јунската состојба со неподмирени обврски достигна приближно 694 милиони евра“, рече Битиќи.

За фирмите има сè помалку поддршка

Битиќи предупреди дека, наместо со ребалансот на Буџетот да се зголеми поддршката за приватниот сектор, средствата за дел од стопанството се намалуваат.

Тој посочи дека програмата Д-9 за финансиска поддршка на инвестиции останува на една милијарда денари, без зголемување во однос на тековниот буџет.

Истовремено, според него, средствата за поддршка на развојот на малите и средните претпријатија се намалуваат од 15,3 на 10,3 милиони денари, што е приближно една третина помалку.

„Неплатените обврски растат, а при сегашното прекројување на буџетот дополнително ја стеснувате поддршката за дел од стопанството“, рече Битиќи.

Прашање и за повратот на ДДВ

Дополнителен проблем за компаниите, според Битиќи, е доцнењето на повратот на ДДВ. Тој предупреди дека фирмите чекаат средства што им се потребни за редовно работење, ликвидност и нови инвестиции.

Битиќи рече дека, според неговите сознанија, во различни периоди компаниите чекале од државата меѓу 50 и 100 милиони евра по основ на поврат на ДДВ.

„Колку изнесува тековниот долг на јавните субјекти, односно на државата, кон приватните компании и, одделно, колкав е износот што државата им го должи на компаниите по основ на поврат на ДДВ?“, праша Битиќи.

Според неговите тврдења, државата им должи 694 милиони евра на компаниите, додека истовремено со ребалансот се намалува дел од поддршката за малите и средните претпријатија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!