ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ СЕ СТАВААТ НА РАСПОЛАГАЊЕ НА ДРЖАВАТА
20/11/2020 17:22Дали и како државата ќе управува со приватните болници, кој и како ќе одлучува кој пациент каде ќе треба да се лекува? Дали граѓаните кои ќе се лекуваат во приватните болници ќе плаќаат како да добиле услуга во државните или ќе треба да платат дел од сумата од сопствен џеб?
Надлежните се уште немаат одговори на овие прашања. Министерот за здравство денеска се сретна со сопствениците на приватните здравствени установи.
„Приватните болници изразија позитивен став во однос на користење на нивните ресурси од страна на државата за справување со пандемијата. Со оглед на тоа што за прв пат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравствени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од МЗ и приватните болници.“ – велат од Министреството за здравство.
Од Центарот за управување со кризи пак велат дека здраствените власти треба да направат проценка какви ресурси им се потребни за справување со кризата по што предлогот треба да го достават до Главниот штаб во ЦУК.
„Како ќе се утврдуваат потребите односно проценката за потребите на здравствениот сектор ќе бидат изнесени на Главниот Штаб, бидејќи од едноресорски пристап во справувањето со здравствената криза сега преминуваме на мултиресорски пристап, што значи дека основната потреба за ресурси, капацитети кои што се наоѓаат во сопственост на другите ресори, министерства ќе бидат ставени на располагање за потребите за справување со здравствената криза.“ – вели Стевчо Стефановски – Центар за Управување со кризи.
Дел од приватните болници пак, веќе се огласија во јавноста.Академик Жан Митрев преку соопштение до јавноста вели дека тој и неговиот тим се ставаат на располагање да помогнат со нивното знаење и искуство во третирањето на најтешките форми на инфекции од Ковид-19, но очекува детали и насоки од надлежните. За одлуката на државниот врв за пргласување на кризна состојба и вклучување на приватните болници во справувањето со епдиемијата се информирал од медиумите.
Д-р Митрев потенцира дека притисокот од пациенти е голем и во неговата болница, каде исто така нема слободни места, а листите на чекање секојдневно се зголемуваат.
„Работиме со полн капацитет и нашиот персонал е веќе преморен, а дел имаме и во изолација. Моментално 80 кревети се пополнети и имаме над 30 пациенти кои чекаат да добијат слободен кревет. Како се отпуштаат оздравените на дневно ниво, така се пополнуваат сите кревети. Бидејќи ситуацијата е навистина сериозна, јас и целиот свој тим се ставаме на располагање, да помогнеме со нашето знаење и искуството кое го имаме од третирање на најтешките форми на инфекции од КОВИД-19.“ – вели академик Жан Митрев.
Претседателот на државата Пендаровски по вчерашниот совет за безбедност на кој беше најавено дека ќе се прогласи кризна состојба изјави дека ова нема да значи национализација на приватните болници туку евентуално управување со нив, а во кој обем ќе треба да процени Владата.






