(Видео)Тензии во албанскиот парламент: Пратеници од власта и опозицијата влегоа во физичка пресметка
22/10/2026 11:41
Тензии во албанскиот парламент ескалираа денеска, откако пратеници од власта и опозицијата влегоа во физичка пресметка за време на пленарната седница.
Инцидентот се случува во момент на сериозни политички тензии во Албанија, каде веќе повеќе денови траат протести против владата на премиерот Еди Рама.
Албанското Собрание денеска повторно заседава откако претходната седница, закажана за 15 октомври, беше одложена поради безбедносната состојба и насилството на протестите.
Физичка пресметка меѓу пратениците
На снимките што се споделуваат од седницата се гледа турканица и директна физичка конфронтација меѓу пратеници од спротивставените политички блокови.
Засега нема целосни официјални информации за тоа како започнал инцидентот и кои пратеници биле директно вклучени.
Седницата се одржува во атмосфера на силна поларизација, а меѓу точките на дневниот ред е и итна интерпелација со министерот за внатрешни работи, побарана од опозициската Демократска партија.
View this post on Instagram
Протестите продолжуваат веќе повеќе денови
Албанија во изминатите денови е погодена од масовни антивладини протести, предводени во голем дел од студенти и млади.
Дел од протестите прераснаа во насилни судири со полицијата, со фрлање камења и молотови коктели, палење и оштетување објекти и употреба на солзавец и водени топови од страна на полицијата.
Европскиот парламент веќе изрази загриженост поради ескалацијата, повикувајќи и демонстрантите и институциите на воздржаност и почитување на владеењето на правото.
Политичката криза се префрли и во Собранието
Опозицијата бара одговорност од Владата и го поддржува барањето на демонстрантите за политички промени, додека владејачките социјалисти повикуваат на дијалог и продолжување на институционалната работа.
Тензиите во албанскиот парламент денеска добија и физичка димензија, во момент кога политичката и општествената криза во земјата продолжува да се продлабочува.






