Дискотеката во Кочани имала само една врата и таа била затворена
17/03/2025 9:54
Синоќа, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски објави дека по извршениот увид во дискотека во Кочани, биле откриени сериозни неправилности во безбедносните стандарди на објектот. Според Коцевски, објектот не исполнил основни услови за безбедност, што претставува сериозен пропуст во системот.
Тој истакна дека во дискотеката биле забележани низа на недостатоци: немало хидрантска мрежа, недоволен број на противпожарни апарати (само два), а едната врата во објектот била затворена со сунѓери за сузбивање на звукот и заклучена со катанец. Исто така, покривот не бил огноотпорен, а внатрешноста на објектот била изведена со гипс картон без огноотпорни својства. Во објектот не постоел ниту систем за известување во случај на пожар, а пристапот за противпожарни возила бил невозможен.
„Во објектот се користеле пиротехнички материјали без соодветна дозвола, а самиот објект бил регистриран како деловен објект за лесна индустрија, а не како угостителски објект, иако има дозвола за работа како угостителски објект издадена пред 15 години“, изјави Коцевски.
Обвинителството, по спроведениот увид, издаде наредби за обдукција на починатите и наредби за привремено одземање на снимки од безбедносните камери и документација од дискотеката. Првичните истражни активности вклучуваат претрес на домови и други простории во Кочани.
Коцевски најави дека ќе се ангажира дополнителен број јавни обвинители, бидејќи случајот е сложен и ќе бара длабинско испитување на сите аспекти. За десет лица за кои се собрани докази, обвинителството побарало краткотраен притвор, а постои можност за продолжување на истрагата по завршувањето на увидот.
„Пропустите се сериозни и претставуваат ерозија на системот. Ќе продолжиме со сите правни средства за да се утврдат виновниците и да се преземат соодветни мерки“, истакна Коцевски.






