Инфлацијата од 3,3% на годишно ниво: Храната поскапе за 0,7% за само еден месец
10/11/2026 11:23
Инфлацијата во октомври во Македонија изнесува 0,4% во однос на септември, додека на годишно ниво трошоците на живот се зголемени за 3,3%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Цените на мало во октомври се повисоки за 0,2% во однос на претходниот месец, а за 3,2% во споредба со октомври минатата година.
Храната за еден месец поскапе за 0,7%
Меѓу категориите што најмногу придонеле за растот на трошоците е храната и безалкохолните пијалаци.
Во октомври тие поскапеле за 0,7% во однос на септември.
Алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците бележат најголем месечен раст од 2,5%.
Облеката и обувките поскапеле за 1,2%, додека трошоците за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива пораснале за 0,3%.
Здравствената заштита бележи раст од 0,1%.
Поевтини транспортот и рестораните
Кај дел од категориите во октомври има и намалување на цените.
Трошоците за покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување се намалени за 1,3%.
Рестораните и услугите за сместување се поевтини за 0,7%, додека личната нега и разновидните услуги бележат пад од 0,5%.
Транспортот во октомври поевтинил за 0,3% во однос на септември.
Неколку категории без промена
Трошоците за образование, осигурување и финансиски услуги, како и за информации и комуникации, останале на исто ниво како во септември.
Податоците на ДЗС покажуваат дека и покрај поевтинувањето кај дел од услугите, ценовниот притисок продолжува кај храната и повеќе други секојдневни категории.
На годишно ниво, инфлацијата во октомври изнесува 3,3%, додека цените на мало се повисоки за 3,2%.



![Цените во ноември повисоки за четири насто, годишната инфлација 4,3 проценти supermarket[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/supermarket1.jpg)
