MKinformer

your daily dose of news

Нова потрошувачка кошничка без цигари и алкохол – ќе се пресметува по реални цени од целата држава

10/04/2025 9:22

Наскоро ќе биде објавена нова просечна потрошувачка кошничка, во која нема да има место за цигари, алкохол и сезонско овошје кое не е карактеристично за тековниот период од годината. Ова го најави заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во гостување на емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Како што објасни Ристески, кошничката е скоро целосно подготвена, со фокус на квалитетни и реални податоци кои ќе служат како основа за идните политики насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните.

„Просечната синдикална кошница нема да биде алатка за политиканство или создавање погрешна слика кај јавноста. Таа ќе биде практичен инструмент за носење политики, пресметана врз основа на реални параметри“, изјави Ристески.

Кошничката ќе биде пресметана за тричлено семејство, според податоци од Државниот завод за статистика, и ќе вклучува основни прехранбени производи и трошоци потребни за секојдневно живеење. Во нејзината изработка се вклучени повеќе институции: Министерствата за економија и труд, за земјоделство и финансии, како и Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Ристески информираше дека во пресметката се вклучени цени од повеќе маркети низ државата, од највисоки до најниски, како и податоци од локални и зелени пазари, со цел да се добие реална слика за трошоците.

За разлика од владината методологија, како што рече, синдикалната кошница била пресметувана според цени од само еден маркет, а последната не била објавена, не поради трагедијата во Кочани, туку поради „други причини“. Според неговите неофицијални информации, новата кошничка ќе биде пониска за над 1.000 денари, а можеби и до 1.600 денари.

„Синдикатите имаат легитимно право да пресметуваат своја кошница, но нашата ќе биде реална и заснована на пошироки и објективни податоци“, истакна Ристески.

Тој додаде и дека антикризните мерки, кои истекуваат кон крајот на месецот, веќе даваат резултати – инфлацијата е намалена, а Државниот пазарен инспекторат изрекол 500 до 600 казни благодарение на законските измени. Се применува и Законот за забрана на нефер трговски практики.

error: Содржината е заштитена од копирање !!