MKinformer

your daily dose of news

Денеска седница на Економско-социјалниот совет: фокус на минималната плата и новата потрошувачка кошничка

22/12/2025 8:24

Во Владата денеска седница на Економско-социјалниот совет: минимална плата, колективни договори и новата потрошувачка кошничка во фокусот

Во Владата денеска во 11 часот ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски. Очекувањата се дека клучни теми ќе бидат минималната плата, начинот на пресметување на потрошувачката кошничка, унапредувањето на колективните договори и регулирањето на надоместоците од плата во јавниот и приватниот сектор.

Претставниците на Владата истакнуваат дека ќе го почитуваат секое решение што ќе биде постигнато со договор помеѓу синдикатите и работодавачите. Доколку нема консензус, ќе продолжи да важи актуелниот Закон за минимална плата, кој предвидува автоматска формула за пресметка на зголемувањето.

Бизнис-заедницата смета дека зголемувањето е возможно, но само доколку се воведат олеснувања во делот на придонесите за да се амортизира финансискиот товар врз компаниите. Тие очекуваат Владата да прифати модел со кој платите би се зголемувале без промена на постојните придонеси.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара зголемување на минималната плата, укажувајќи на растечките животни трошоци. Според нивна анкета спроведена во ноември, најголемиот дел од граѓаните сметаат дека минималната плата треба да биде 600 евра.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати најавуваат дека ќе го отворат и прашањето за надоместоците во јавниот сектор, кои, како што посочуваат, со години не се усогласувале со економските движења.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, најави дека на седницата ќе се разговара и за новата „просечна потрошувачка кошничка“ која Владата планира да ја воведе од 1 јануари, паралелно со синдикалната минимална кошничка на ССМ. Новиот индекс ќе служи за планирање на економските политики и за следење на стандардот.

Според последната пресметка на ССМ, синдикалната минимална кошничка за декември изнесува 65.492 денари, што е за 319 денари повеќе од истиот месец минатата година.

error: Содржината е заштитена од копирање !!