Мицкоски со велигденска порака: Да изградиме праведно и хумано општество, водени од светлината на Воскресението
20/04/2025 10:10
По повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, свештенството, монаштвото и до сите православни верници во Македонија.
Во пораката, Мицкоски го истакна значењето на Христовото воскресение како симбол на победата на животот над смртта и на светлината над темнината. Тој порача дека празникот Пасха треба да донесе духовна радост, мир и благослов во секое македонско семејство.
„Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија е столб на нашата духовност и национален идентитет. Вашата улога во зачувување на верата, традицијата и моралните вредности е од непроценливо значење за нашето општество“, стои во честитката.
Мицкоски нагласи дека во време на брзи промени, технолошки развој и предизвици кон традиционалните вредности, Владата останува посветена на заштита на духовните и морални основи на општеството.
„Живееме во тешки времиња полни со предизвици и искушенија. Свесен сум за грижите со кои се соочуваат граѓаните. Затоа, мора заедно да работиме за напредок, сигурност и подобра иднина за секого. Тоа нема да биде лесен пат, но сум решен заедно да го изодиме“, истакна премиерот.
Тој додаде дека вербата во Бог и грижата за ближниот не се само личен избор, туку основа на силно и одговорно општество.
„Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество. Бог да ја чува Македонија. Христос Воскресе!“, заврши Мицкоски во својата честитка.






