Голем духовен настан: Осветување на храмот „Св. цар Константин и царица Елена“ во Скопје, духовен празник за православните верници
23/09/2025 11:57
Во недела, на 28 септември 2025 година, Скопје ќе биде сведок на голем духовен и историски настан, осветувањето на новоизградениот православен храм „Св. цар Константин и царица Елена“, кој се издига во самиот центар на главниот град.
Свечената литургија и чинот на осветување ќе ги предводи Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со повеќемина архијереи на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Богослужбата ќе започне во 8:30 часот, а од МПЦ-ОА упатија искрена покана до сите православни верници да присуствуваат и молитвено да го споделат овој величествен чин.
Храмот е посветен на светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена, симболи на верата и христијанската традиција. Со својата изградба, тој претставува не само архитектонско збогатување на градот, туку и ново духовно прибежиште во срцето на Скопје, кое ќе остане сведоштво за силата на верата и заедништвото на народот.
Овој настан е од особено значење за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и за сите православни верници, кои во недела ќе имаат ретка можност да бидат дел од историскиот чин на осветување и да се помолат во новото светилиште посветено на христијанските светители што оставија длабок печат во историјата на Православната Црква.






