Општина Аеродром ќе набави нова механизација за поефикасно одржување на јавните површини
27/04/2025 9:42

Општина Аеродром најави јавна набавка на нова механизација за одржување на јавните зелени површини, со што ќе се зголемат капацитетите на Јавното комунално претпријатие и ќе се овозможи поефикасна и побрза грижа за зеленилото во урбаната средина.
Од општината информираат дека екипите на комуналното претпријатие се секојдневно на терен, активно работат на косење и уредување на тревниците и покрај неповолните временски услови, со чест дожд и нестабилно време. Сите расположливи машини се постојано ангажирани, како и голем број работници, со цел да се одржи квалитетот на животната средина во Аеродром.
„За првпат по повеќе од десет години започнуваме постапка за набавка на нова механизација, со што ќе ги зајакнеме ресурсите на комуналното претпријатие. Ова е уште еден чекор во правец на подобро и посистематско одржување на јавните површини“, велат од Општината.
Аеродром располага со околу 150.000 квадратни метри уредено зеленило, што ја позиционира како една од најзелените општини во Македонија. Во таа насока, надлежните најавуваат и реконструкција на постојните паркови, изградба на нови парковски површини, како и хортикултурно уредување на нови локации низ општината.
„Нашата цел е на граѓаните на Аеродром да им овозможиме квалитетни, зелени и уредени простори за одмор и рекреација во непосредна близина на нивните домови“, порачуваат од Општина Аеродром.






