MKinformer

your daily dose of news

ЦУК: Критично во Кичево со 125 поплавени објекти, состојбата се следи низ целата држава

10/01/2026 20:27

Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави вонредна информација за состојбата со обилните врнежи на територијата на државата, заклучно со 18:30 часот. Во повеќе региони состојбата е стабилизирана, но Кичево и делови од Пелагонија и понатаму остануваат најпогодени.

Источен регион – Штип

Во моментов нема позначителни врнежи, а водостоите на реките се во опаѓање. Активностите за уредување на коритото на Оризарска Река во Чешиново – Облешево ќе продолжат во понеделник. Поради претходните врнежи има зачестени одрони и свлечишта, особено на патниот правец Истибања – Делчево и кон граничниот премин. Екипи на Македонија Пат и СВР Штип постојано интервенираат за одржување на проодноста.

Скопски регион

Нема нарушување на редовната состојба поврзано со обилните врнежи од дожд.

Југозападен регион – Охрид и Струга

Во Охрид, Кризниот штаб е постојано на терен. Регистрирано е излевање на реката Сушица кај улицата Прилеп, каде се интервенира со багери и се поставуваат заштитни насипи. Во селата Орман и Дебелополе, реката Далјан е со максимален водостој, но без излевање.

Во Струга пријавени се поплавени дворови и куќи во четвртиот реон на Мислешевски пат, како и во селата Мислешево и Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а состојбата е пријавена до Општина Струга и ДЗС.

Дебар

Реката Радика има зголемено, но стабилно ниво, без опасност од излевање. Сите патни правци се проодни, а забележаните помали одрони редовно се расчистуваат.

Кичево

Во Кичево состојбата останува најкритична. Водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но под нивото на излевање. Кај улицата Прилепска се евидентирани 125 поплавени објекти, а околу 150 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Екипи на ЈП „Комуналец“, ДЗС и приватни фирми работат на изградба на насипи и чистење на речното корито. За евакуираните граѓани е обезбедена храна, медицинска грижа, облека и основни услови за престој.

Битолско – Пелагониски регион

Во овој регион се регистрирани бројни последици од поројните врнежи. Поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон село Мренога. Повеќе села имаат поплавени земјоделски површини, меѓу кои Кравари, Жабени и Породин. Излевање е забележано и кај Елешка Река, но водата попладне се вратила во коритото.

Во Ресен поплавени се земјоделски површини, дворови, куќи и магацини за складирање јаболка. Ангажирани се сите расположливи машини и пумпи за санација на состојбата.

Југоисточен и Североисточен регион

Во Струмица и Куманово нема пријави за штети, реките се во коритата, а патиштата се проодни.

Полошки регион – Тетово

Нема пријави за материјални штети. Врнежите од снег се со слаб интензитет. Пријавени се локални проблеми со електричната енергија во делови од Гостивар, каде интервенираат екипи на ЕВН. Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Мавровска раскрсница – Маврово – Дебар.

ЦУК апелира граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните соопштенија, особено во критичните региони.

error: Содржината е заштитена од копирање !!