Мицкоски: Нови извори на природен гас, стабилно снабдување и пониски цени за граѓаните
09/07/2025 14:04
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, на официјалниот почеток на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, изјави дека со поврзувањето на националната гасна мрежа со таа на соседните земји, Македонија ќе стане централна точка во регионалниот енергетски систем. Тоа, според него, ќе обезбеди повеќе опции за снабдување, поголема стабилност и намалени трошоци за граѓаните и индустријата.
Мицкоски нагласи дека интерконекторот ќе донесе нови извори на природен гас, пониски цени, стабилно снабдување и зголемена конкурентност кај компаниите. Притоа, оцени дека овој проект симболизира вклучување на државата во европската енергетска инфраструктура.
„Ќе изградиме 66,7 километри гасовод на нашата територија со цевки од 700 милиметри. Почетниот капацитет ќе изнесува 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност да се удвои до 3 милијарди. Тоа е енергија за раст, поттик за економијата и гаранција за иднината“, рече Мицкоски. Вкупната инвестиција изнесува 3,7 милијарди денари (околу 60 милиони евра), со финансиска поддршка од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Европската Унија.
Американската амбасадорка Анџела Агелер оцени дека изградбата на интерконекторот претставува значаен чекор кон енергетска независност и економски развој, нагласувајќи ја важноста од енергетска диверзификација и регионално партнерство. Таа додаде дека како најголем производител на течен природен гас (ЛНГ), САД очекуваат преку овој гасовод наскоро да се дистрибуира и американски гас.
„Овој проект е стратегиска инвестиција во безбедноста, просперитетот и суверенитетот на регионот. Регионалната соработка и пријателствата покажуваат дека имаат многу поширока вредност од политичките декларации“, рече Агелер.






