Трета рунда руски-украински преговори: Без големи очекувања
23/07/2025 11:48
Руските и украинските претставници ќе се сретнат на нова, трета рунда преговори од мај наваму, но малкумина очекуваат значителен напредок во насока на завршување на тригодишниот конфликт, бидејќи двете страни остануваат длабоко поделени во ставовите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека главна тема нема да биде прекин на огнот, туку хуманитарни прашања – вклучително враќање на украински заробени војници и киднапирани деца. Тој подвлече дека е неопходен поголем политички импулс и изрази подготвеност за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Од руска страна, Кремљ инсистира разговорите да се водат врз основа на веќе разменетите предлози за можни мироносни решенија, но портпаролот Дмитриј Песков нагласи дека вистинскиот напредок кон прекин на огнот ќе бара обемна дипломатска работа.
Украина бара итно и безусловно примирје како предуслов за сериозни мировни преговори, додека Русија останува цврста во своите позиции, барајќи повлекување на украинските сили од окупираните територии во источниот дел од земјата.
Претходните директни средби меѓу двете страни резултираа со размена на заробеници, особено војници под 25 години и тешко повредени борци. Руската делегација повторно ќе ја предводи Владимир Медински, додека украинскиот тим ќе го води Рустем Умеров, кој сега е на чело на Советот за национална безбедност и одбрана.





