ТРАМП ПРИТИСКА, ПУТИН ИМА ЕДЕН УСЛОВ ЗА СРЕДБА СО ЗЕЛЕНСКИ
21/08/2025 8:52
Презирот на рускиот претседател Владимир Путин кон украинскиот лидер е толку голем што речиси никогаш не го изговара името на Володимир Зеленски. Кремљ го смета за нелегитимен претседател, а државните медиуми во Москва го нарекуваат „кловн“. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп ја стави во фокус идејата дека токму Путин и Зеленски мора директно да се сретнат за да се најде пат кон завршување на војната, пишува The New York Times.
Трамп откри дека за време на телефонски разговор со Путин разговарал за можноста за ваков состанок, што отвори нова дипломатска дилема во Москва: дали постои шанса за директна средба на двете завојувани страни?
За Кремљ, ваков самит би можел да биде претставен како дипломатска победа, особено доколку Трамп изврши притисок врз Зеленски да прифати одредени руски барања за територија и суверенитет. Но, ризикот е голем – Путин одамна сигнализира дека директни разговори со Зеленски се под нивото на рускиот лидер.
Според рускиот пратеник Константин Затулин, средба сепак не треба да се исклучи: „Русија би ги надминала своите резерви околу Зеленски за да ги поддржи мировните иницијативи на претседателот Трамп.“ Но, дел од руските политичари сметаат дека таква средба воопшто не треба да се одржи, бидејќи Москва постојано го етикетира Зеленски како нелегитимен.
Аналитичарите предупредуваат дека е тешко да се замисли Путин да се согласи на ваква средба, освен ако Украина претходно не покаже подготвеност за сериозни отстапки. „Путин би се сретнал со Зеленски само доколку смета дека тоа ќе доведе до капитулација на Украина“, вели политикологот Григориј Голосов.
Секоја средба што не води кон таков исход би можела да биде дочекана со жестоки реакции во Русија, каде што официјалниот наратив за војната е дека режимот во Киев спроведува „геноцид врз руското население“.
Трамп, пак, тврди дека двајцата лидери можеби имаат повеќе заеднички точки отколку што изгледа, и затоа предлага средбата да се одржи без посредници. Но, засега Кремљ внимателно ги остава опциите отворени, без официјално потврдување на ваква иницијатива.






