Пропадна и 53-тиот обид за конституирање на косовскиот парламент
26/07/2025 18:29
Во Косово продолжува политичката блокада – пратениците во Собранието повторно не успеаја да формираат изборна комисија за избор на претседател на парламентот, со што неуспешно заврши веќе 53-тиот обид за конституирање на законодавното тело.
На денешната седница присуствуваа 107 пратеници, од кои само 56 гласаа „за“ формирање на изборната комисија потребна за тајното гласање. Претставниците на Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и Алијансата за иднината на Косово одбија да предложат членови на комисијата, барајќи постапката да се врати на јавно гласање, повикувајќи се на претходна одлука на Уставниот суд.
Претседавачот Авни Дехари ги прекина нивните говори со исклучување на микрофоните и ја прекина седницата, најавувајќи продолжение за вечерва во 22:00 часот.
„Ќе се обидам да најдам решение и да го конституираме парламентот пред истекот на рокот утврден од Уставниот суд – кој истекува на полноќ,“ изјави Дехари.
Доколку парламентот не се конституира до крајот на денот, ќе стапи на сила привремена забрана за одржување на седници во периодот од 27 јули до 8 август, согласно одлуката на Уставниот суд. Што ќе се случува по 8 август, ќе зависи од понатамошните насоки од Судот.






