Република Српска распишува референдум, познато и прашањето по кое ќе се произнесат граѓаните
23/08/2025 8:42
Народното собрание на Република Српска во петокот донесе одлука за распишување референдум во врска со пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија за прекин на неговиот мандат. Референдумот е закажан за 25 октомври.
Прашањето кое ќе се најде на гласачкото ливче гласи:
„Дали ги прифаќате одлуките на неизбраниот странец Кристијан Шмит и пресудата на неуставниот Суд на БиХ изречена против претседателот на Република Српска, како и одлуката на Централната изборна комисија за одземање на мандатот на претседателот Милорад Додик?“
Воедно, Собранието усвои измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива, со кои се овозможува формирање посебна комисија за спроведување референдуми, што ќе ја формира токму Народното собрание.
Од вкупно 65 присутни пратеници, 50 гласаа „за“, додека никој не беше против или воздржан. Дел од опозициските пратеници го напуштија гласањето, а некои останаа во салата без да се изјаснат.
Исто така, беше усвоена и Информацијата за пресудата на Судот на БиХ и одлуката на Централната изборна комисија, со заклучоци за понатамошните активности на институциите на Република Српска. По гласањето, претседателот на Народното собрание, Ненад Стевандиќ, ја затвори вонредната седница.






