(Видео)Министерот дава заклевта, пратениците се тепаат: Масовна тепачка во парламентот во Анкара
11/02/2026 22:34
Турскиот парламент во Анкара беше сцена на масовна тепачка меѓу пратеници од владејачкото мнозинство и опозицијата, откако беше покренато прашањето за именувањето на Акин Гурлек за министер за правда.
Назначувањето го направи претседателот Реџеп Таип Ердоган во рамки на реконструкцијата на владата, што предизвика жестоки реакции во собраниската сала. Опозициските пратеници се обидоа да го спречат Гурлек да положи заклетва, по што следуваа туркања и физички пресметки. Претседателот на парламентот ја прекина седницата на 15 минути за да се воспостави ред.
И покрај инцидентите, поранешниот главен обвинител на Истанбул положи заклетва, опкружен од пратеници на владејачката партија.
Контроверзна кариера
Гурлек како обвинител водеше повеќе процеси против членови на Републиканска народна партија (ЦХП), кои опозицијата ги оцени како политички мотивирани. Владата, пак, тврди дека турското судство постапува независно и во согласност со законот.
Во ноември, Гурлек поднесе обвинение против градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се смета за главен политички ривал на Ердоган. Обвинението опфаќа 142 кривични дела поврзани со корупција и организиран криминал, со барање за вкупна казна над 2.000 години затвор.
Поддржувачите на Имамоглу тврдат дека процесот има политичка позадина, додека турската влада ги негира овие наводи.
Реконструкција без детално образложение
Покрај Гурлек, Ердоган го именува и Мустафа Чифтчи за министер за внатрешни работи, кој досега беше гувернер на Ерзурум. Официјалното образложение гласи дека разрешените министри „побарале да бидат ослободени од должност“.
Именувањата доаѓаат во чувствителен политички момент за Турција, која води дебата за можни уставни измени. Паралелно, се одвива мировна иницијатива со Курдистанската работничка партија со цел ставање крај на повеќедеценискиот конфликт.
Се очекува парламентот во наредниот период да разгледува и усвојува реформи кои би го поддржале процесот.






