Мицкоски: Францускиот предлог е историска грешка – нема да дозволиме асимилација на Македонците
31/07/2025 22:33
Скопје, 31 јули 2025 – Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања одговори на критиките за евроинтеграциите, обвинувајќи ја опозицијата за стратешка грешка со прифаќањето на т.н. Француски предлог, за кој вели дека го загрозува македонскиот идентитет и јазик.
„Негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија – тие постојат уште од создавањето на бугарската држава. Она што не им успеало на Батемберг, Тодор Живков и комунистичката власт, вие го прифативте доброволно,“ рече Мицкоски, додавајќи дека Владата ќе работи да го исправи овој чекор.
Мицкоски потсети на т.н. Бледски договор и историските обиди за асимилација на македонското население во Пиринска Македонија по Втората светска војна.
„До 1947 година, македонски учители подучувале на мајчин јазик во Западна Бугарија, но по конфликтот меѓу Советскиот сојуз и Југославија, сите права на Македонците беа избришани,“ изјави премиерот.
Премиерот нагласи дека Владата нема да дозволи асимилација на Македонците:
„Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во европските извештаи. Ние нема да го дозволиме тоа – ќе го исправиме и ќе ја заштитиме нашата национална посебност,“ порача Мицкоски.





