MKinformer

your daily dose of news

Јовева: Македонија не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет

18/06/2026 10:46

Јовева за Македонија порача дека извештајот мора да биде документ за реформите и европската иднина на македонската држава.

Таа не го поддржа вклучувањето на прашањата за идентитетот, јазикот и историските толкувања во Извештајот за Македонија.

Според неа, извештајот треба да остане фокусиран на реформите, владеењето на правото и европскиот напредок на земјата.

„Македонците не треба да ја плаќаат цената“

„Оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите“, рече Јовева пред европратениците.

Таа праша кој навистина има проблем, ако некои постојано зборуваат повеќе за Македонците отколку за европскиот напредок на земјата.

„Очигледно не Македонците. Туку оние што не можат ниту да напишат амандман без Македонци“, додаде Јовева.

„Што сме ние, историска академија или Европски парламент?“

Јовева оцени дека ваквото однесување претставува необично хоби.

„Интерпретација на минатото! Што сме ние, историска академија или Европски парламент?“, рече таа.

Според неа, Европската Унија е создадена за народите заедно да ја градат иднината. Таа додаде дека Унијата не треба да издава „сертификати за постоење на народи“.

„Македонците немаат што да докажуваат. Меѓутоа, по сите овие години, некои други очигледно сè уште имаат. Денес, Македонците не се на испит. Европа е“, порача Јовева.

Јовева ги отфрли толкувањата за победници и губитници

Јовева смета дека задачата на Европскиот парламент е да ги оценува реформите и напредокот на земјите-кандидатки за членство во ЕУ.

Поради тоа, таа ги отфрли поедноставените толкувања на денешното гласање.

„Нема да се согласам ни со наративот дека Бугарија победи денес, ни со наративот дека Европскиот парламент ја издал македонската држава“, рече Јовева.

Според неа, би било грешка денешното гласање да стане алатка за создавање политички митови.

„Ова не е референдум за постоењето на Македонците“

Јовева порача дека ова не е натпревар меѓу земјите. Според неа, најмалку е референдум за постоењето на Македонците.

„Оние што денес зборуваат за големи победи или големи порази всушност помагаат да се одржи спорот од кој политички живеат“, рече таа.

Таа додаде дека вистинското прашање не е кој победил денес.

„Вистинското прашање е дали ќе имаме храброст да го браниме принципот дека земјите-кандидатки се оценуваат според реформите, објективно, и дали Европа ќе остане верна на сопствените вредности. Јас им останувам верна“, порача Јовева.

Своето излагање го заврши со пораката: „Македонците денес не беа на тест. Европа е“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!