Домаќинства до 10kW, фирми до 70kW: Ќе се олеснат условите за поставување соларни панели
07/08/2025 8:27
Граѓаните и компаниите во Македонија наскоро ќе можат полесно да инсталираат соларни панели на своите објекти, благодарение на најавените законски измени од Министерството за енергетика. Според предложените измени на Законот за енергетска ефикасност, домаќинствата ќе добијат можност да поставуваат фотоволтаици со капацитет до 10 киловати, додека фирмите до 70 киловати.
Со новата регулатива првпат ќе се воведе и рок за издавање дозволи – еден месец за опрема до 100 kW. Ова значително ќе ја забрза постапката за добивање одобренија. Дополнително, се поедноставува и процесот за приклучување на електродистрибутивната мрежа – доколку локацијата не е соодветна, операторот е должен во рок од 15 дена да предложи алтернатива.
Со овие мерки се очекува зголемување на користењето на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската независност на земјата. Министерството најавува и нова 20-годишна стратегија за реновирање на јавни, станбени и комерцијални згради во високо енергетски ефикасни објекти, со речиси нулта потрошувачка на енергија.
Целта е значително намалување на стакленичките гасови, унапредување на квалитетот на воздухот и постигнување климатска неутралност.
Според Регулаторната комисија за енергетика, обновливите извори веќе сочинуваат 55,72% од вкупниот капацитет за производство на струја. Само во последните две години, инсталирани се 616 MW нови капацитети, доволни за покривање на потребите на речиси 194.000 домаќинства. Доколку трендот продолжи, фотоволтаиците би можеле да ја заменат и производната моќ на РЕК Битола.





