„Валкани пари под кранови“: Градежниот сектор под лупа на УЈП
15/08/2025 9:51
Градат станови, ги продаваат и исчезнуваат.
Градежниот сектор во Македонија станал вистински магнет за валкани пари – тврди Управата за јавни приходи, која го стави меѓу најризичните области за перење пари. Комбинацијата од експлозивна побарувачка за станови, енормен раст на цените и сè почестото плаќање во кеш создава совршена почва за сомнителни зделки.
Од таму предупредуваат дека се повторува опасна шема: „непроверени инвеститори градат, продаваат и исчезнуваат“.
„Овие се лица или фирми што немаат врска со класично градежништво – немаат свој технички тим, немаат вистински надзор на објектите. Единствено што имаат е фиктивен договор за надзор, а во многу случаи фирмата им е регистрирана без раководител на градба“, вели градежен експерт со долгогодишно искуство.
Тој без двоумење ги нарекува „инвеститори од сенка“, кои градежништвото го користат како „најлесен канал за легализација на нелегално стекнат капитал“.
„Градат, го продаваат за кеш, и парите – чисти како солза. Потоа ги нема. Не одговараат за квалитет, ниту за долгови“, додава експертот, со јасно предупредување дека ваквата практика ја загрозува безбедноста и долговечноста на новите објекти.
Од градежната фела алармираат дека институциите мора да ја затворат вратата за вакви „бизнисмени“.
„Ова е исто како во шумарството да ти дојде фирма што никогаш не видела пила. Само што во градежништвото последиците се далеку посериозни – станува збор за домови каде што ќе живеат луѓе, семејства, деца“, предупредуваат тие.
Во меѓувреме, УЈП најавува засилени контроли – не само врз даночната дисциплина, туку и врз потеклото на средствата, начинот на плаќање и ангажманот на подизведувачи.
„Целта е едноставна – да се прекине кругот каде што градежниот кран е последната станица за валкани пари“, порачуваат од Управата.



